Зошто британскиот сој на коронавирусот е опасен за децата?

Симптомите на позаразниот, „британски“ сој на коронавирус, се нешто поразлични од претходно доминантната варијанта, покажува студијата на Националното биро за статистика на Британија.

Бројот на ковид-пациентите во Македонија е во пораст, на клиниките и во ковид-центрите речиси и да нема слободен кревет, а Кризниот штаб одлучува за новите мерки. Пулмолозите велат дека новиот сој на коронавирусот сè повеќе ги погодува децата и дека од тинејџерите вирусот се шири на цели семејства и пошироко.

Истражувањата во Велика Британија покажаа две важни работи во врска со мутираниот сој, поради што оваа земја одлучи во пикот на бранот на коронавирусот, и покрај успешната и масовна вакцинација, сепак, да ги задржи строгите мерки и карантинот.
Според податоците добиени од британската научна заедница, овој сој е околу 60 отсто позаразен од обичната варијанта на коронавирусот, а бројот на заразени со британскиот сој кај децата под 15 години е многу поголем, во споредба со бројот на заразени со другите соеви на коронавирусот на истата возрасна група.

Новиот сој на вирус наречен Б.1.1.7, кој се појави во Велика Британија во текот на ноемврискиот карантин, во времето на првиот семестар, настана затоа што оваа варијанта е поефикасна во заразувањето на децата отколку претходните облици.

Професорката Венди Баркли од Кралскиот колеџ во Лондон тврди дека мутациите го олесниле продирањето на вирусот во човечките клетки, па со самото тоа и децата се повеќе склони кон заразување, а досега возрасните беа полесна „мета“.

Децата се подложни на овој вирус како и возрасните, така што можеме да очекуваме повеќе заразени деца, со оглед на нивниот образец на мешање, наведува Беркли.

Исто така, утврдено е дека новиот вирус е позаразен од 50 до 70 отсто. Заедно со неговата способност за брзо ширење, ова го прави Б.1.1.7 закана која треба да се сфати сериозно.

Епидемиолозите од Харвард објавија сет податоци во средината на февруари, кој покажува дека британскиот сој на коронавирус е позаразен кај децата. Податоците од Велика Британија покажуваат нагло поголема позитивност на ковид-19 во Англија (каде новиот сој на вирусот е високо доминантен) кај децата на возраст од пет до девет години, и кај момчињата и девојчињата, во текот на четири последователни недели.

Во писмото од Израелското здружение на педијатри се наведува голема загриженост поради стапката на заболување кај помладите ученици. Понатаму се наведува и дека наместо околу 29 отсто од новите случаи да потекнуваат од децата и тинејџерите, како во вториот бран, сега станува збор за околу 40 отсто. Најголем скок е забележан кај децата на возраст од шест до девет години.

Симптоми на британскиот сој

Почесто се појавуваат симптоми како кашлица, болки во грло, замор и болки во крајници, додека губењето на сетилата за мирис и вкус – сметана за карактеристична за нормалната варијанта – е поретка.

На Универзитетот во Јужна Калифорнија, научниците, врз основа на анализа на стапката на симптомите што ги утврдила Светската здравствена организација, го идентификуваа редоследот на симптомите и како тие се развиваат. Нивните откритија укажуваат дека симптомите одат во следниот редослед:

– Треска

– Кашлица и болки во мускулите

– дигестивни проблеми – гадење и повраќање

– Пролив

Постои сомнение дека британската, јужноафриканската и бразилската верзија на вирусот може да бидат многу позаразни или полесно да се шират отколку досега познатите форми. Мутациите или промените во генетскиот материјал на вирусот се чести. Некои од нив самите му штетат на вирусот, но други може да му дадат предност, како што е случајот со британската варијанта, што полесно се шири.

извор: Слободен печат

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде