Започнува масовната вакцинација во СЦ „Борис Трајковски“ – денеска 3.000 термини

Масовното вакцинирање на населението против Ковид-19 во земјава официјално започнува денес со вакцината „Спутник В“.

Вакцинирањето ќе се одвива на пунктови во спортскиот центар „Борис Трајковски“, а закажани се термини за 3000 граѓани.

Во оваа фаза имунизирани ќе бидат граѓани од критична инфраструктура – луѓе што работат, МВР, АРМ, новинари, служби од Град Скопје и сите што имаат контакти – возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките, вработените на патарините…  Според планот, вакцинацијата со 20 000 руски вакцини „Спутник“ што ги донираше Србија, ќе се одвива на 48 пункта.

Во салата во саботата беше направена и проба за тоа како ќе функционира и ќе се координира масовната вакцинација – местата каде ќе се прави приемот на граѓаните, потоа индивидуалниот преглед и вакцинирањето, пунктови каде ќе се издаваат потврди со термини за ревакцинација, местото за фижидерите за вакцините.

Ќе има тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени, места за 15-20 минути опсервација по завршување на вакцинирањето и обележани делови за Итна медицинска помош ако е потребно.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека на почеток во просек околу 4000 луѓе на ден ќе бидат вакцинирани низ државата, а верува дека за кратко време ќе се исполни и планот да се достигнат 7000 термини дневно, кога системот ќе профункционира во целост.

За масовната вакцинација, во салата ќе бидат ангажирани и вработени во администрација од Министертство за здравство, здравствените домови, Институтот за јавно здравје…

Извор: ТВ21

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде