Заев: После 40 години Прилеп добива нова модерна градинка според највисоките стандарди за зелени и енергетски ефикасни објекти

Премиерот Зоран Заев заедно со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и со градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски, денеска го означија стартот на работите на нова градинка во Прилеп, во населбата „Точила“, како прв ваков објект после 40 години.

Претседателот на Владата Заев во својата изјава за медиумите истакна дека особено важна карактеристика на овој проект е што ги исполнува сите современи стандарди за енергетска ефикасност, со блиску до нула енергетска потрошувачка, со  А+ енергетска класа.

„Иновативноста на проектот оди  уште чекор понатаму и предвидува покрив како зелена покривна тераса со ниска природна вегетација. Предностите на зелените покриви се многу на број. Како топлинска изолација овозможуваат и до 20% помала потрошувачка на енергија за греење и ладење на објектот. Дополнително, на кровната тераса се наоѓа фотоволтаична постројка со капацитет од 20kW за производство на струја која ќе се користи за потребите на самата  градинка со што се создаваат услови за значителна финансиска заштеда“, нагласи премиерот Заев.

Заев уште додаде дека објектот е обезбедено и поврзување со системот за гасификација бидејќи Општина Прилеп е меѓу првите општини што ќе добие локална, секундарна мрежа за гас.

„Ова го нагласувам и заради фактот што децата во оваа градинка ќе ги добијат и првите лекции и ќе бидат на тој начин воспитувани за придобивките на зелените политики преку примерот на нивната градинка. Грижата за децата и инвестирањето во раниот детски развој е приоритет на Владата но и на локалните самоуправи. Во текот на оваа година ќе бидат довршени уште 13 градинки, а во постапка е изготвување на Програмата за отпочнување на проекти за изградба на нови објекти за згрижување на деца“, потенцираше премиерот Заев во изјавата за медиумите по повод стартот на работите на новата градинка во Прилеп.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде