Заев ја повика дијаспората масовно да се попише

Премиерот на државата, Зоран Заев денеска преку својот фејсбук профил уште еднаш ја повика дијаспората да ја искористи можноста да се самопопише.

Тој објави дека до денеска над 82.000 државјани се попишале, но повика на уште поголема масовност.

„Повеќе од 82.000 наши државјани од дијаспората ја искористија можноста да се самопопишат со што придонесуваат во креирањето поквалитетни политики за подобра иднина на татковината. Ги повикувам сите од нашата дијаспора, од сите краеви на светот, да се приклучат кон овој патриотски чин и да помогнат да добиеме јасна слика за нашите луѓе во странство. Mакедонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите други без разлика на етникумот, сите кои имате македонско државјанство, попишете се!На тој начин ќе знаеме како да ги подобриме услугите на дипломатско-конзуларните претставништва, но и ќе можеме да го искористиме потенцијалот на дијаспората за развојот на Северна Македонија и за промоција на земјата во светот. Самопопишувањето е многу едноставно, а личните податоци се целосно и најстрого заштитени.“ – напиша Заев.

Заклучно со денеска најмногу се попишале од Швајцарија – 26 000, Германија – 19 000 и Италија со над 10 000. Сите државјани ќе имаат можност да се попишат до 21 април.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде