Тажна вест: Почина познат уметник, автор на логото и плакетата на Макфест

По компликации од ковид-19 вчера во Штип почина ренмираниот уметник Методи Андонов, на 75 години, пренесе порталот сдк.мк.

Тој на 11 март годинава го прими големото признание на Светската еврејска организација за неговото авторство на споменикот што пред 36 години се подигна во центарот на Штип, во знак на сеќавање на штипските Евреи кои во 1943 беа депортирани во логорот Треблинка. На споменикот се испишани имињата на сите 551 депортирани Евреи.

На само дваесетина метри од овој споменик, пред пет години се подигна спомен-обележје посветено на светската фудбалска легенда Драгослав Шекуларац роден во Штип. И на ова спомен-обележје автор е Методи Андонов.

И двата споменика дело на Мето, како што го нарекуваа штипјани, се поставени пред Центаро за култура „Ацо Шопов“, каде со години се одржува познатиот македонски фестивал Макфест чие лого и главната статуетка што се доделува на најдобрите се дело исто така на Андонов.

Тој е автор и на повеќе други уметнички и архитектонски решенија во Штип и автор на повеќе самостојни изложби, а една од најзабележителните е изложбата на карикатури.

Андонов има нацртано портрет карикатури и на други познати македонски личности од светот на музиката и спортот. Последната портрет карикатура е со ликот на македонскиот фудбалски репрезентативец Горан Пандев, кој со задоволство ја примил затоа што тој е со неговиот препознатлив гест по постигнувањето гол кога сака да ги чуе навивачите.

Извор: СДК.мк

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде