Сопственикот на „Зегин“, Механџиски: Jaс можам да набавам вакцини веднаш, но државата не ни дозволува

Државата не дозволи на домашните фармации да ги искористат своите конекции за побрзо да обезбедиме вакцини против Ковид-19, вели сопственикот на веледрогеријата „Зегин“, Благоја Механџиски.

-Ние имаме многу слаб тим на ниво дури и на Министерство којшто може да формира индекс на предвидување, како ќе се движи. Ние живееме од едно до друго јавување на министерот. Државата не дозволи фирмите кои се бават со лекови да набават лекови. Бидејќи не се набавуваат лекови само директно преку фабриката, има и други веледрогерии има и други конекции. Ние чекаме, а не сакаме да ја игнорираме државната иницијатива, ја поддржуваме. Ние можевме и сега можеме да набавиме вакцини, дециден е Механџиски во дел од интервјуто за емисијата „Трлинг“.

Македонија се уште нема прецизен датум кога ќе почне масовната вакцинација, а не се знае ниту кој вид на вакцини ќе стигнат први. Земјава досега доби мал број на вакцини со кои започна имунизацијата на здравствените работници. Земјава доби вакцини „Фајзер“ од Србија и 3.000 вакцини од рускиот производител „Спутник В“. За бавниот процес на вакцинација има бројни критики во јавноста.

Денес, пак, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека компанијата „Фајзер“ има дополнителни барања од државата, едно од нив се однесува на обесштетување за евентуално несакани ефекти од вакцината. Договорот, каkо што изјави министерот, ќе се финализира по регулирањето на дополнителните барања.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде