Семејствата на Верица и Иле стапија во контакт: Изгубив сестра, но добив брат!

Семејството на 20-годишната Верица Белчовска од Берово, чие срце сега чука во градите на младиот Иле Стрезовски од Брвеница, и семејството на Иле, стапиле во контакт.

Цветко, таткото на Иле за ,,Фокус” вели дека телефонски разговарал со Мартин, братот на Верче, и целата фамилија не може да се совземе од емоциите. Болка, неизвесност, страв, благодарност, се соочувале со помешани чувства, но како што вели, над се преовладувала огромната благодарност кон хуманата фамилија Белчовски, чиј гест му дал нова шанса на Иле, но и на многу други луѓе.

-Се слушнавме со братот на Верче телефонски. Изгубив сестра, но добив брат, ми рече. Со таа реченица е кажано се, нашата благодарност не може да се опише со зборови, сите ние се уште сме како во сон, полека започнуваме да сфаќаме што навистина се случи.

Двете сестри на Иле заедно со зетот вчера заминаа во Русиново, да присуствуваат на погребот на Верче. Тоа е најмалку што можеме да направиме, да ја покажеме нашата почит кон девојката чиј живот трагично заврши, но и кон нејзиното семејство кое ја покажа целата своја големина со хуманиот гест.

Вечно сме им благодарни, да се стабилизира состојбата на Иле, да помине сето ова, секако дека планираме во иднина и лично сите да се запознаеме, да се видиме со луѓето чија добрина ја трогна целата земја – раскажува таткото, за фокус.мк.

Појаснува дека Иле е во добра состојба, започнал да јаде, разговарале… Вели дека дома сите со нетрпение чекаат да заврши хоспитализацијата и тој да си дојде за да биде со семејството.

-Операцијата траеше со часови, јас заедно со мој внук чекав во болницата. Ми кажаа дека првите 24 часа по операцијата исто така се најважни, и не знам како ми помина сето тоа време. Секоја минута како една година! Страв, неизвесност, чекање… Среќни сме што добро се заврши.

Целиот текст прочитајте го на фокус.мк

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде