СДСМ: Со Шарената револуција народот си ја спаси државата

Со Шарената револуција илјадници граѓани во речиси сите градови низ државата си ја спасија државата од канџите на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, донесоа слобода и демократија кои денес се почитуваат и унапредуваат во континуитет, велат од владејачката партија СДСМ по повод петгодишнината од почетокот на ова граѓанско движење.

„11 години ВМРО-ДПМНЕ ја држеше државата заробена во режим, криминал, корупција и селективна правда се додека оваа партија не беше поразена од граѓаните“, истакнуваат од СДСМ од каде додаваат дека политиките на Владата од 2017 година па се до денес, останале доследни во почитувањето на барањата и заложбите на Шарената револуција.

„Денес, предметите за висока корупција и организиран криминал се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници, се случуваат сериозни реформи во судството, институциите се транспарентни, професионални и секогаш во служба на граѓаните. Процесот за унапредување на човековите права и слободи, за градење еднакво општество продолжуваат во континуитет како врвна заложба на СДСМ“, се наведува во партиското соопштение.

Од СДСМ додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ и денеска како партија знае, како што велат, само за режим, само да брани криминал и да шири лажни вести.

„Граѓаните шест пати ги поразуваат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и ќе продолжат да ги поразуваат се додека од белиот дворец освен одбрана на криминал не нудат ништо друго“, посочуваат од владејачката партија.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде