СДК открива: Никола Груевски поседува повеќе станови на туѓо име

Истрагата за плацевите на Водно на избеганиот поранешен премиер Никола Груевски купени со пари од членарините на сопартијците, се проширува и на новооткриени негови станови купени со пари на членството, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

Денеска истражителите на Обвинителството за организиран криминал и корупција вршат претрес во новооткриените станови на Груевски, кои не гласеле на негово име. Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврди шефицата на ОЈО за борба против организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

Според првичните информации, еден од новооткриените станови за кои има сомневања Обвинителството дека се стекнати незаконски, гласи на име на една од секретарките на Груевски. Обвинителството не открива на која секретарка, дали на таа од Владата додека бил премиер, или на некоја од ВМРО-ДПМНЕ, додека ја водел партијата. За останатите новооткриени станови, не се открива на чие име ги запишал Груевски.

Русковска потврди дека поранешната секретарка веќе дала изјава во Обвинителството дека конкретниот стан кај што фигурира таа како сопственик, фактички не е нејзин, дека само потпишала оти е.

Груевски има два стана на „Бихаќка“ на име на мајка му Надежда, за кои веќе јавноста знае, а има уште два стана во Аеродром и во Капиштец, исто така на име на мајка му.

Според истрагата за плацевите на Водно, на првоосомничениот Груевски во перењето на нелегално стекнатите пари му помагале братучедот Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан Камчев, кои се второосомничен и четвртоосомничен. Ристо Новачевски, кумот на Груевски во првиот брак, е третоосомничен.

Груевски во периодот од 2006 до 2012 година, дел од донациите за финансирање на партијата ги примал лично и не ги прикажувал како примени донации во финансиските извештаи на партијата и на тој начин присвоил најмалку 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари. Потоа, во периодот од октомври 2012 до септември 2013 година, тие пари тој ги пуштил во оптек купувајќи градежно земјиште на Водно преку фирма-ќерка на фирма од Белизе. Управител на таа фирма бил кумот Ристо Новачевски.

Целиот текст прочитајте го на СДК.мк

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде