Петмина наркобосови од село Грчец ги надитрија и полицијата и обвинителството. Од криминалната група која била следена цела година, во акцијата „Планина“ паднаа само ситните риби, пренесува ТВ24.
Од луксузните автомобили останале само клучевите, а големата количина на дрога која се истражувала се сведе на 100 грама кокаин. Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска ќе ги бара доушниците.
– Според посебните истражни мерки кои денеска завршуваат за лицата по кои се трага, акцијата во Грчец е пробиена. Беше исчистено и не се пронајде поголема количина. На три локации се најдени околу 100 грама кокаин. – изјави Русковска.
Другата криминална група е од Гази Баба, каде што се запленети 5 килограми марихуана и 700 грама кокаин, 80-тина илјади евра и неколку автомобили. Осуммина од нив се веќе во притвор. Од групата од Грчец беа уапсени 13-мина, а деветмина од нив се во притвор. Меѓу нив има и малолетник кому ќе му се суди посебно.
Истрагата под кодно име „Планина“ година дена ја работеле двајца обвинители и цел тим истражители.