По КАМ, контроли на УЈП и за работењето на КИПЕР

По завршените контроли во ланецот маркети КАМ, УЈП започна контрола во 90 маркети на Кипер. Од управата велат дека редовна контрола се прави на залихите кои ги имаат во магацините и продавниците споредено со книговодствените книги, но се проверува и пресметката на даноци на производите.

„Контролата е за утврдување на фактичката состојба на залихите кај Кипер маркет. Контролата почна вчера и сè уште е во тек. Сè уште не е утврдена фактичката состојба и за тоа ќе видиме по завршувањето на контролата. Управата за јавни приходи врши контрола на сите деловни простории на Кипер“, рече Кујтим Дервиши- Главен инспектор во УЈП.

Од управата на маркетот велат дека се спроведува редовна контрола, по што се очекува сите маркети да бидат отворени.

„Ве известуваме дека во маркетите ‘Кипер’ во тек е редовна контрола од страна на инспекторатот. Заради создавање на услови за работа на горенаведените надлежни службеници, продавниците во кои контролата продолжува ќе бидат затворени до завршување на процесот на евидентирање“, велат од Управата на КИПЕР.

Истовремено од УЈП информираа дека контроли се прават и во помали продавници, а истите ќе продолжат и во останати големи трговски ланци.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде