Несторовски се извини, заслужува да му биде простено!

Од завршувањето на синоќешниот натпревар Македонија – Лихтенштајн и покрај убавиот резултат и убедливата победа 5-0 на нашите момци и наместо да прославуваме сите, кај нас не стивнуваат реакциите за гестот кој го направи Несторовски при прославата на голот кој го постигна со преубава „паненка” од пенал за конечни 5-0.

Иако свесен за грешката бидејќи не беше разбран како што тоа тој сакаше да биде, што е неможно кога пред цел аудиториом правиш нешто, а тоа се однесува на мала група, Несторовски не може да го врати времето назад и да ја корегира прославата. Но ….

Кој е Несторовски, дали заслужи ваков третман од македонската јавност ???

Каков е неговиот пат низ кариерата ?

Што Несторовски има направено за репрезетнатицијата на Македонија и како Македонец таму каде што настапувал?

Илија Несторовски е еден од нашите малкумина што настапуваат во 5те најдобри лиги, а патот до Удинезе каде што настапува во моментов не му бил баш лесен.

Несторовски ја започна професионалната кариера во екипата на Победа, каде стана најмлад капитен на тимот, а потоа играше во повеќе клубови, и тоа: во првенството на Чешка за Словачко и Викторија Жижков, како и за Металург Скопје во македонското првенство кога се соочил со можеби најголемата дилема во животот дали да продолжи со фудбалската кариера или како и неговите другари да започне нешто друго во животот. Несторовски таков каков што е борец, на моменти дрзок, безобразен и инаетчија особини кои мора да ги има секој спортист за да биде успешен се одлучи да продолжи со фудбалската кариера и да им докаже на сите дека може да стигне до врвот.

Па така заминува во Хрватската 2 лига во Интер Запрешиќ каде го забележа и најголемиот успех со клубот од предградието на Загреб. Во сезоната 2013-2014, Несторовски беше најдобар стрелец во втората хрватска лига со постигнати 20 голови. Следната сезона, 2014-2015, тој повторно беше најдобар стрелец во втората хрватска лига со постигнати 24 голови, со што му помогна на Интер од Запрешиќ да влезе во првата хрватска лига, каде во дебитантската сезона во лигата 2015-2016 стана најдобар стрелец  во првенството со постиганати 25 голови. Стана трет стрелец во истотијата на Хрватскиот фудбал , на што голема тежина му дава податокот тоа за кој клуб настапувал и какви се напаѓачи поминале низ Хрватското фудбалско првенство.

И денес е добредојден и почитуван од сите во клубот, и денес има безброј фанови навивачи на Интер Запрешиќ кои не така лесно заборааваат колкав придонес има за клубот во годините во кои го носеше нивниот дрес.

После игрите кои ги покажа во Хрватска во сезоната 2015-2016, Несторовски се сели во италијанскиот прволигаш Палермо, каде и покрај скептиците веднаш го покажа својот квалитет во Серија А и сезоната ја заврши со 11 гола на 37 одиграни меча.

Во клубот од Палермо за многу краток период стана миленик на тамошната публика и лидер на тимот, па ја доби и капитенската трака. Добрите познавачи на приликите знаат дека е многу тешко во друга држава, а особено во Италија капитен да биде странец (Македонец) , но за жал клубот од југот на Италија поради финансиски проблеми прогласи банкрот и Илија како слободен играч беше ангажиран во 2019 во клубот од Удинезе, каде игра и денес.

Вистина е дека за цело време во Удинезе нема некој забележителен учинок и не се изнаигра многу , не е во посакуван ритам и форма но самото тоа што е член на клуб во Серија А  доволно зборува за неговиот квалитет. Во дресот на репрезентација има постигнато 10 голови од кои еден и на Буфон против репрезентацијата на Италија.

Со синоќешниот 10 гол за репрезентацијата влезе во друштво на малкумината кои имат постигнато двоцифрен број на голови во историјата на македонската фудбалска репрезентација.

Секаде каде настапувал било за кој клуб со гордост ја претставувал нашата држава, а и самиот ги помина сите возрасни категории на репрезентацијата.

На 9 октомври 2015 година, тој го забележа својот прв настап за репрезентацијата на Македонија, влегувајќи од клупата за резервни играчи на натпреварот против Украина кога селектор беше Љубинко Друловиќ и до ден денес е дел од репрезентацијата која постигна историски успех, пласман на Европско првенство.

Несторовски беше и директен учесник во историскиот гол кој го постигна најдобриот македонски фудбалер на сите времиња Горан Пандев на асистенција токму на Нестор-Гол по претходно додавање од бисерот на македонскиот фудбалот Елиф Елмас, после кој гол и натпревар сите ние бевме горди на историското достигнување.

Несторовски има и друга страна во животот освен фудбалот тој е и голем хуманист. Дека не заборавил кој е, и од каде потекнува, Несторовски покажа во неколку наврати досега кога светот се справува со пандемија на Ковид 19.

Прва донација на Несторовски во овие тешки моменти на сите беше заедно со дел од репрезентацијата, донираа значителни средства во Фондот за здравство во висина од 30.000 евра.

Потоа Несторовски донираше финансиски средства и во Градската болница ,,Борка Талески” во Прилеп  и трета донација на нашиот истакнат Репрезентативец е посветена на семејства со минимални примања и тоа пакет со основни прехрамбени и хемиски средства  за повеќе од 50 семејства.

Илија Несторовски денес јавно се извини за гестот кој го направи, посоочувајќи дека се однесува на мала група, а не на целата македонска јавност како што беше првично протолкуван од голем број на гледачи без да се знае мотивот на истиот и да се види и другата страна. И со тоа покажа уште една негова големина , да се ИЗВИНИ.

Да размислими сите со ладни глави, да ставиме се на кантар и да донесеме одлука дали Несторовски треба или не да продложи со настап за репрезентацијата за која дал многу, а има што да даде и во иднина, нека оваа бука биде само една мала лоша епизода кој секој човек ја има во животот и наместо да бидеме дежурни критичари на се што се случува да му дадеме подршка во овие тешки моменти за него кои сам ги предизвика. Тој сигурно ќе ни врати со голови и нови радости во натпреварите на Европското првенство кое сите со нетрпение го очекуваме.

Да бидеме позитивни, да ја заборавиме омразата, да се сакаме, цениме и почитуваме, само така можеме напред и кон нови заеднички радости!

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде