Ливерпул – Реал Мадрид: Можат ли „црвените“ до уште еден историски пресврт?

Многу мали се шансите на Ливерпул пред реваншот против Реал Мадрид од нивниот четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите.

Реал патува во Ливерпул со комотно водство од 3:1 од првиот натпревар во Мадрид, каде Винисиус Џуниор со два гола и еден гол на Марко Асенсио донесоа добар резултат пред ова тешко гостување. Голот на Салах барем малку ги задржа надежите кај навивачите на Ливерпул.

Тешка задача пред Ливерпул и Клоп

Ливерпул на Јирген Клоп е тим кој позади своето име има историски пресметки на „Енфилд“ против гигантите на Ла Лига – невозможно е некој да го заборави неверојатниот кам-бек против Барселона по поразот од 3:0 во првиот натпревар – но Реал сигурно ќе биде многу попретпазлив отколку Барса.

Сепак, од друга страна и историски гледано Ливерпул никогаш немал послаи резултати на Енфилд отколку оваа година. Откако на средината на Декември, Ливерпул славеше победа на домашен терен, дојдоа неверојатни осум меча без победа, од кои последните шест беа порази. Серија која е историска за тимот. Конечно таа серија беше прекината изминатиот викенд откако Ливерпул славеше над Астон Вила со 2:1 за прва победа на Енфилд оваа година.

Очајната сезона за екипата која беше беспрекорна минатата сезона може да кулминира со испаѓање од Реал Мадрид. Во Премиер Лигата Ливерпул е на шестото место со три бода помалку од четвртиот Вест Хем и уште од сега е јасно дека до самиот крај ќе се води битка за пласман во Лигата на Шампиони и догодина.

Но, Ливерпул досега има загубено само 11 натпревари на домашен терен во Лигата на шампионите, од кои дури пет од нив се против шпански екипи. Тие напредуваа само двапати во 13 обиди откако го загубија првиот натпревар со два гола разлика, па шансите не се баш во прилог на Клоп.

Реал без Рамос и Варан но во импресивна форма

Само четири дена по првиот меч против Ливерпул, Реал Мадрид имаше уште еден судир со огромни размери против Барселона и славеше со 2:1.

На Карим Бензема му беа потребни само 13 минути за да го отвори резултатот кој Крос во првиот дел го зголеми на 2:0. Во второто полувреме на рутина тимот на Зидан го зачува водството за конечни 2:1.

Тимот на Зидан сега е на само еден бод од Атлтико Мадрид кои речиси цела сезона е лидер но киксираше минатиот викенд. Ако с епогледне серијата на Реал, тогаш јасно е зошто сите очекуваат дека многу бргу тимот ќе го презеде лидерското место од градскиот ривал.

Сепак, Реал успеа да ја зачува својата мрежа на само еден од последните осум натпревари низ сите натпреварувања што секако е загрижувачка статистика пред гостувањето кај Ливерпул. Но без Серхио Рамос и Рафаел Варан добро е што победуваат. Тие двајца и на Енфилд нема да можат д апомогнат и тоа ќе биде најголемиот проблем за Зидан.

Историјата, ги фаворизира гостите, бидејќи тие поминаа во 15 од нивните последни 16 натпревари кога го добиле првиот натпревар со разлика од два гола или повеќе.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде