Интервју на Заев за словенечко „Дело“: Има ли нешто поубаво од мозаик? А, македонскиот мозаик сјае со најубавите бои

Угледниот словенечки весник „Дело“ објави интервју со премиерот Заев во кое помеѓу другото се зборува за НАТО и Охридскиот рамковен договор.

„Оваа година славиме три годишнини кои силно ја илустрираат современата историја и развој на Северна Македонија: 30 години од прогласувањето независност, 20 години од Охридскиот рамковен договор и 1 година од нашето членство во НАТО. Поубав пресек од тоа каде беше и каде е денеска нашата земја не може да се посака. Има ли нешто поубаво од мозаик? А, македонскиот мозаик сјае со најубавите бои“ – вели Заев за словенечки весник „Дело“.

Премиерот Заев во интервјуто вели дека со Охридскиот рамковен договор во август 2001 година беше ставен крај на конфликтот и беше прифатен како гаранција дека сите прашања од интерес на заедниците во нашата земја ќе се решаваат низ дијалог и низ институциите.

„Државата покажа капацитет да се справи со сериозен предизвик и притоа се потпре на своите партнери од меѓународната заедница. Во моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на тест, покажавме дека сакаме да живееме во заедничката држава и дека можеме да се сложиме да напредуваме сите заедно“ – нагласува Заев.

Заев додава дека Охридскиот договор е одраз на новиот дух на водење политики, политики коишто градат мостови, а не ги рушат, политики коишто ги сплотуваат граѓаните и не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината на нашата земја како дом во евроатлантската заедничка куќа со другите народи.

„Нашата определба e да градиме и негуваме општество еднакво за сите, нашата цел e да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики. Токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво. Тоа заедништво што се градеше со векови, за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина. Затоа со право се залагаме и велиме дека различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство и за наша предност.“

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде