Игор Филевски од Малта: И после пак ќе ме прашувате како тоа не сакаме да се вратиме во родната ни земја

Фејсбук статус на Игор Филевски – Филе:

„Ако се инфицираш со ковид-19 во Малта и случајно добиеш тешка клиничка слика, можеби ќе треба да те постават на респиратор. Се’ е бесплатно за пациентот. Не одат роднините да трчаат и да набавуваат боци кислород, како моите роднини во Македонија.

Ако треба, а секако ќе треба, шишиња инфузии, и тие се овде бесплатни, а не како за братучетка ми да трчаат домашните по пријатели и да бараат да купат инфузии, па што поскоро и ги однесат во болница. А ако сликата е премногу тешка, па да мора да се прави и “филтрација” која во Македонија чини 12.000 евра, е и тоа е овде бесплатно за пациентот, важно е да се спаси животот, а покрива се’ државата. До цент.Тоа важи и за нас дојденците и за нив, автохтоното население.

И после пак ќе ме прашувате како тоа не сакаме да се вратиме во родната ни земја, во земјата каде цел живот плаќавме редовно даноци, здравствено и пензиско осигурување, каде редовно ги плаќавме сите комуналии и давачки? Да се вратиме за да ни ја доцица и крвта, да ни го доизеде и џигерот? Не, никогаш.

Нашата прекрасна земја Македонија е во нашите срца каде и да сме и до последниот здив ќе ја пренесуваме од колено на колено.А вашата ужасна држава Македонија, или Северна Македонија (како и да сакате), ви ја оставаме вам, како ви чини така форматирајте си ја. (Ние ќе си стоиме настрана и може само да си коментираме, одвреме-навреме, од болка и од тага, што го доживеавме тоа што не верувавме дека некогаш и ќе се случи)

А понатаму наместо да не’ прашувате зошто дојде вака да се чувствуваме, прашајте се самите како тоа државите во кои сме ‘дојденци” не’ третираат со максимален респект и според сите општествени и цивилизациски норми. А за другите нешта и да не зборувам, доволно како пример е само оваа тешка и несекојдневна ковид-ситуација која не’ засегна сите, каде и да сме.

И помислете уште еднаш дали се’ уште треба нелогично да го браните и безумно да го поддржувате она кое не чини и она кое очигледно дека профитот го става пред етиката и моралот дури и кога се работи за хумана обврска во едно општество? А не е само ова, здравството е само капка во морето небулози и проблеми што и понатаму го бркаат секој млад и умен човек од таа држава таму, заплетена во криминално-хохштаплерска папазјанија.“

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде