Државата издвојува само 650 евра за највисокото звање во науката! – интервју со поранешниот декан и професор на Филозофски факултет Горан Ајдински

За незадоволството на УКИМ разговараме со Горан Ајдински, професор на Филозофскиот факултет.

Професорите на најстариот и најголем универзитет во земјава „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) утре преку протест пред Ректоратот во Скопје ќе предупредат на неколку апсурди во високото образование, кои ако не бидат ставени на поправен испит од државниот врв, ќе следува и соочување со големо незадоволство, кое не е исклучено да се случи и за време на јунската испитна сесија. Ако науката е водечка сила во државата, тогаш се надеваме на позитивен одговор на нашите барања за поголеми плати, им порачуваат професорите од УКИМ на премиерот Димитар Ковачевски, на претседателот на Собранието Талат Џафери и на министерот за финансии Фатмир Бесими. Во разговор со д-р Горан Ајдински, професор на Филозофскиот факултет, дознаваме за уште еден апсурд на УКИМ, но и за вреднувањето на научниот труд на неговите колеги во регионот, за барањата на професорите…

Господине Ајдински, незадоволството кај професорите и кај другите вработени на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, што тлее подолго време, кулминира со најава за протест в четврток на платото пред Ректоратот, што е тоа што ја прелеа чашата?

– Незадоволството кај професорите и администрација трае веќе неколку години. Надлежните органи никако не можеа да го согледаат проблемот и прво да инвестираат во науката, и второ, да ги зголемат нашите примања. Конкретно за платите, пред две години НАКС – Независниот академски синдикат склучи договор со МОН каде што лани добивме понижувачки 10 отсто покачување, а оваа година 7 отсто треба да добиеме во септември со истиот договор. Тоа значи дека нашите примања беа уште помизерни. Секако дека не бевме задоволни со ова, основавме репрезентативен синдикат и раководството веднаш почна со подготовка и изработка на нов Колективен договор, но овој пат со основачот на УКИМ, а тоа е Собранието на Македонија. Тимовите односно комисиите од двете страни го сработија договорот по неколкумесечна работа и останува тој да биде потпишан од претседателот на Собранието, господинот Талат Џафери. Претходно, Собранието уште минатата година му даде овластување за тоа. Чекаме да се случи потпишувањето на нашиот Колективен договор уште од минатата година, но досега тоа се нема случено. Трпението беше при крај како и сè поголемото незадоволство од страна на професорите и администрацијата. Се исцрпија сите правни, па и дипломатски средства.

Истражувањата покажуваат дека платите на професорите на скопскиот универзитет, кои до пред некоја година можеа да се рамнат со примањата на судиите и на јавните обвинители, сега се речиси колку просечната плата во државата, која ја заработува доцент на Вашиот универзитет, како дојде до такви разлики ?

– До пред неколку години платите на универзитетските професори беа поголеми не само од судиите и обвинителите, туку и од докторите. Тие го искажуваа својот револт, протестираа и штрајкуваа. Сега, нивните примања се речиси за 100 отсто поголеми од нашите. Исто, има доста значаен момент, а тоа е дека тие факултети што имаат повеќе студенти, може да си дозволат да интервенираат во своите плати од сопствените средства, но повеќе факултети на УКИМ не можат да си го дозволат тоа.

Дали досега за Вашите барања, имате остварено средба со претставници на Владата и кој бил резултатот од разговорите?

– Нашите одговорни на УКИМ имале средби и праќале дописи, но досега гледаме дека нема голем резултат.

Колкаво зголемување на платите бара Вашиот синдикат?

– Нашиот синдикат бара зголемување од 25 отсто секоја година во следните 4 години. Што е точно е прецизирано во новиот колективен договор, кој чека потпис, не сум сигурен, но приближно процентот е тој.

Кога се анализира состојбата со македонските професорски плати, без намера да го оспоруваме фактот дека заслужуваат повисок коефициент при пресметките, често се споменува и споредбата со успехот, научните трудови и достигнувања. Тука е и рангирањето на Шангајската листа, па во тој контекст и забелешките на кое место е Универзитетот во Загреб, а каде е белградскиот, кој може да се пофали со златна средина на рангирани во светот по перформансите во физика и математика, на пример?

– Секогаш сакаме да се споредуваме со другите универзитети во секој поглед (трудови, истражувања, место на реномираните листи). Но кога веќе правиме споредба со земјите во регионот, процентот што се издвојува за научни истражувања е многу поголем отколку во Македонија. Понатаму, платите на универзитетските професори исто така се неспоредливи. На пример, редовен професор на Косово зема околу 1.500 евра, во Босна околу 1.700 евра, а во Србија околу 1.500. Во Македонија за највисокото звање во науката редовен професор се издвојува 650 евра. Дали е потребен коментар!? Што е најинтересно, пред 7-8 години ние бевме со подобри примања од нив освен од Србија и со значително, па дури и од Бугарија.

Дали ќе поддржите радикализација на протестот ако не ви се исполнат Вашите барања и во која форма? Ќе се одржи ли јунската испитна сесија?

– Како ќе течат работите не знаеме, се надеваме на позитивни решенија, секако. Очекуваме позитивни сигнали од Собранието и од Владата. Во неформални разговори бевме уверувани дека ќе се реши проблемот наскоро и дека се чека мислење од Министерството за финансии. Ајде, да видиме, но навистина, премногу трае очекуваното решение.

Како, по овие демотивирачки бројки и пресметки, да се мотивираат младите професори да останат на македонските универзитети?

– Ова е поврзано баш со издвојувањето средства за наука и вработувања од страна на Министерството за образование (МОН) и Владата. Во моментов УКИМ има потреба од стотици млади асистенти и доценти. Тие се тој млад потенцијал кој ќе пишува, ќе врши истражувања и ќе го крене рејтингот на Универзитетот и на науката воопшто. Значи, најдобрите така ќе останат во државата и нема да се одлеваат млади умови надвор. Но, замислете, во моментов на еден од најголемите факултети во државата со 12 институти и околу 100 професори, а тоа е Филозофскиот факултет во Скопје, има вработено само 1 (еден) асистент и неколку доценти и вонредни професори. Сите останати сме редовни професори. За каков напредок може да зборуваме во овој случај!?

Продолжува мисијата на големиот човек и научник, професорот Љупчо Ајдински

Во чест на универзитетскиот професор, научник и хуманист д-р Љупчо Ајдински, основоположник на системот за институционална заштита и едукација на лицата со попреченост и на Институт за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје, во разговорот со професорот Горан Ајдински се присетуваме и на хуманитарната работа на Фондацијата што го носи името на големиот филантроп.

Извор: Еспресо.мк

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде