До кога Македонија ќе го менува сметањето на времето?

Неизвесно е дали викендов за последен пат ќе ги промениме стрелките на часовниците. Иако пред две години Европскиот парламент предложи во 2021 да се укине сезонското сметање на времето, предлогот сè уште чека одобрување од Советот на министри. Но, не е исклучена можноста да се пролонгира рокот поради справувањето со пандемијата. А, Македонија ќе ја чека и примени конечната одлука на Европската Унија по ова прашање.

„Со оглед на тоа што сè уште не усвоена во ЕУ, Република Северна Македонија останува да ја применува и е усогласена со старата директива со летно и зимско сметање на времето согласно Законот за сметање на времето. Оваа одлука останува на сила се додека ЕК не ја усвои новата Директива која потоа ние би ја примениле”, велат од Владата.

Идејата за да се укине сезонското сметање на времето има за цел да ги отстрани негативни влијанија што ги создава поместувањето на часовниците. Освен последици по човековиот организам, ваквите вештачки промени негативно влијаат и врз продуктивноста на работниците, но и економијата во целост.

Извозно ориентираните компании од земјава се најзасегнати, бидејќи најголем дел од извозот е наменет за европскиот пазар, па доколку земјава не ја следи одлуката на Унијата, тоа може да влијае на соработката со странските партнери. Сепак, од бизнис секторот велат дека бргу се прилагодуваат.

„Компаниите се адаптирани на промената на времето и тоа значително не влијае на деловната активност. Но сметаме дека доколку Европската комисија ја укине оваа пракса и земјите членки се придржуваат кон истата, несомнено е дека и нашата држава ќе треба да го следи овој тренд”, велат од Сојузот на стопански комори.

Македонија е во иста часовна зона со најголем дел од Европа, односно централно европско време. Но, не и со соседите Грција и Бугарија. Според предлогот на Унијата, членките би требало самостојно да одлучат дали ќе го задржат летното сметање на времето или уште еднаш ќе ги поместат стрелките на есен.

Русија, Турција, Белорусија и Исланд веќе го укинаа летното и зимско сметање на времето.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде