Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

Почитувани,

Дозволете ми да Ви го честитам најголемиот христијански празник ‒ Велигден.

Ја користам оваа можност пред сè да Ви посакам добро здравје, мир, хармонија и среќа. Нека светлината на овој празник се всели во срцата и во домовите на сите верници, исполнувајќи ги со верба и со надеж за истрајување во сите искушенија и предизвици.

Повеќе од една година целото човештво се соочува со пандемијата со Ковид-19 која предизвикува страв и вознемиреност. Нашето секојдневие е променето и долгиот период на неспокој и на социјално дистанцирање остава дополнителни последици. Да не дозволиме да нè надвладеат апатијата и малодушноста, и да го зачуваме оптимизмот и да ја негуваме духовноста. Токму Велигден е празникот на надежта, кој ги слави животот и Христовата победа над смртта. Се надевам дека и годинава овој голем празник ќе биде инспирација да се издигнеме над сите премрежија и неволји. Сплотени, солидарни и одговорни да ги надминеме страдањето и стравот, и да излеземе како победници во борбата со подмолниот вирус.

Нека е за многу години големиот празник!

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде